Консултативен процес за изработка на Стратегија за Роми 2022-2030

Водејќи се од заложбите кои произлегуваат од Познан декларацијата за земјите од Западен Балкан за интеграција на Роми во рамки на процесот на проширување на ЕУ,  како и заклучоците од средбата на министрите за Инклузија на Ромиво октомври 2020, Република Северна Македонија го започнува процесот на изработка на нова Национална Стратегија за Роми 2022 – 2030 по насоките дадени во Стратешка Рамка на ЕУ за Ромите.

Процесот на подготовка на новата Стратегија за Роми ќе биде раководен од Владата на Република Северна Македонија преку Советникот за Инклузија на Роми како Национална контакт точка за Ромите во соработка со Министерството за труд и социјална политика како носител на Стратегијата за Роми, со техничка поддршка од Проектот Интеграција на Роми 2020.

Според заклучоците од средбата на Министритеза инклузија на Роми, Националната стратешка рамка треба да се заснова на принципите на еднаквост, промовирање на учеството на Ромската заедница во сите фази на креирање политики, рефлектирање на различноста меѓу Ромите, комбинација на мејнстрим и таргетирани мерки како и дефинирање на квантитативни и квалитативни таргети во секоја од областите за мерење на достигнувањата и импактот врз заедницата. Во рамките на насоките за подготовка на националната стратешка рамка за Роми 2022-2030 дефинирани се три хоризонтални цели и тоа - Борба и превенција на антициганизмот и дискриминацијата, Намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост за да се затвори социо-економскиот јаз меѓу Ромите и општата популација, Промовирање на учеството преку јакнење на соработката и довербата. Покрај тоа, дефинирани се и секторски цели во рамки на четирите приоритетни области – образование, вработување, здравство, домување и граѓанска регистрација

Со цел директно и суштинско учество на граѓанските организации во изготвувањето на новата Стратегија за Роми, Владата отвара широк консултативен процес преку кој ги повикуваме сите заинтересирани граѓански организации активно да се вклучат со свои предлози за мерки и активности што сметаат дека треба да претставуваат дел од политиките на Владата за интеграција на Ромите.

Предлозите треба да се однесуваат на приоритетните области дефинирани во:

  1. Познан декларацијата за земјите од Западен Балкан за интеграција на Роми во рамки на процесот на проширување на ЕУ
  2. Насоките за подготовка на национална стратешка за Ромите за периодот по 2020 во Западен Балкан и Турција

За секоја од приоритетните области ќе се организира заеднички состанок со претставници на граѓанските организации и претставници на институциите на кои ќе се усогласат предлозите и мерките на сите актери вклучени во процесот на креирање на новата Стратегија за Роми 2022-2030. За датумот на одржување на состаноците на со работните групите дополнително ќе бидат известени пријавените кандидати.

Пополнетиот образец, со предлог мерки и активности и претставник за учество во работните групи, потпишан од застапникот на организацијата, го очекуваме најдоцна до 31 мај 2021 година, по електронски пат на адреса: e elvis.memeti@vlada.gov.mk, со назнака: „Предлог за Стратегијата на Роми 2022-2030“.

Прилози:

  1. Образец за предлог на мерки и активности
  2. Пријава за учество на претставници од граѓанскиот сектор во Работни групи
  3. Насоки за подготовка на Национална стратешка рамка
Macedonian