Одржани консултативни тркалезни маси поврзани со Законот за здруженија и фондации

На 12 и 13 декември 2022 година во Скопје се одржаа четири консултативни тркалезни маси на теми: Правно препознавање на други форми на здружување, Организации и активности од јавен интерес, Заштита на непрофитниот карактер и Овозможувачка околина за граѓанските организации. Тркалезните маси беа организирани од проектот „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката околина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“ финансиски поддржан од ЕУ, во рамките на поддршката на Работната група при Министерството за правда која работи на измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации. Целта на консултативните тркалезни маси беше да се идентификуваат и дискутираат недостатоците во постојните закони во четирите теми како и последиците од задржувањето на постојното законско статус кво и да се идентификуваат и дискутираат можните решенија на ниво на закони како и на политики со цел да се адресираат клучните проблеми.

Експертот ангажиран на овој проект, Гоце Коцевски, ја нагласи потребата од спроведување на инклузивен и транспарентен процес на подготовка на Законот за здруженија и фондации, давајќи краток осврт на постојната законска рамка која ги опфаќа овие прашања, како и компаративен преглед на добрите практики на земјите во регионот и земјите членки на Европската унија.

Во текот на дискусијата, учесниците ги искажаа своите ставови и предлози за надминување на клучните предизвици со кои се соочуваат граѓанските организации за прашањата поврзани со функционирањето и одржливоста на граѓанското општество во нашата земја, како што се препознавање на други облици на здружување кои не се опфатени со Законот за здруженија и фондации, отсуството на единствен хармонизиран пристап во дефинирањето на дејностите од јавниот интерес во различни закони, даночните обврски и олеснувања за граѓанските организации, правното уредување на вршењето економски активности од страна на организациите, како и постапувањето со средствата во случај на престанок на организацијата.

Тркалезните маси беа  организирани во хибриден формат, односно со физичко присуство и можност за on-line вклучување преку платформата Zoom. На консултативни средби учествуваа и претставници на Одделението за соработка со невладини организации.

Повеќе информации на веб-страницата на проектот Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија.

Извештај од консултациите со граѓанските организации (ГО) за критичните законодавни прашања поврзани со Законот за здруженија и фондации 

    

Macedonian