Одржана 2. седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество

На 18.11.2021 година се одржа Втората седница на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Советот утврди позитивно мислење на Предлог-Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, со Акциски план 2021-2024, оценувајќи декапредложените приоритети и цели се во согласност со стратешките документи на Владата и ресорните министерства, Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија за 2021 година, состојбите и потребите на граѓанското општество во државата и новите трендови за поддршка на граѓанските организации во регионот.

Советот на оваа седница упати барање до Владата да го преиспита  планирањето средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации во Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година и да овозможи континуитет на воспоставените практики, односно сè до утврдување на сеопфатна реформа во системот на државно финансирање на граѓанските организации, средствата за оваа намена да се планираат во Раздел 040.01 – Влада, ставка 463 – Трансфери до невладини организации.

Советот го разгледа и поддржа мислењето на Платформата на граѓански организации за борба против корупција, Блупринт групата за реформа на правосудството, Платформата за родова еднаквост и Граѓанската организација Центар за управување со промени, процесот на реорганизација на државната управа да биде транспарентен и отворен за сите засегнати страни, а Извештајот за реорганизација на државната управа, подготвен од експертите во рамки на ИПА проектот „Поддршка на државната реорганизација“ јавно да се објави и да се спроведат консултации со засегнатите страни и граѓанското општество за дадените предлози за реорганизација.

На оваа седница, Советот го номинираше м-р Милош Андоновски од Здружението за афирмација на уметност Флуктус Скопје за претставник на граѓанското општество во Секторската комисија за уметност.

 

Macedonian