Одлука за распределба на средствата наменети за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации за 2019 година
Primary tabs
Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 3.10.2019 година донесе Одлука за распределба на средствата од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година наменети за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации.
Распределбата на финансиските средства се спроведе во согласност со Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации ("Службен весник на РМ" бр. 130/07), Одлуката за критериумите и постапката за распределба на средствата за финансирање на програмските активности на здруженија на граѓани и фондации од Буџетот на Република Македонија („Службен весник на РM” бр.23/09) и Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2019 година ("Службен весник на РМ" бр.5/19), а врз основа на оглас што Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија го објави во дневните јавни гласила „Нова Македонија“ и „Коха“ и на веб-страниците www.vlada.mk и www.nvosorabotka.gov.mk на 31 јануари 2019 година.
По објавениот оглас, Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат изврши административна проверка на пријави од 200 здруженија и фондации, при што утврди дека 129 (64,5%) пријави ги исполнуваат условите од огласот, а во 71 (25,5%) пријава не се исполнети основните организациски критериуми, не е доставена потребната документација или пријавата е доставена по истекот на рокот.
Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 3.9.2019 година донесе ново Решение за именување претседател и членови на Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година. Со цел зголемување на транспарентноста и подобрување на квалитетот на процесот на распределба, во составот на Комисијата се именувани и два члена на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор. Постапувајќи согласно заклучоците на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор од седницата одржана на 27.9.2019 година, двата члена на Советот учествуваа во работата на Комисијата во својство на набљудувачи, без право на глас.
Комисијата на седницата одржана на 14.9.2019 година формираше Оперативно тело од административни службеници од Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Секретаријатот за европски прашање, кое во периодот 14-19.9.2019 година изврши евалуација на проектите кои ја поминале административната проверка и со Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат подготви Предлог-ранг листа.
Врз основа на Предлог-ранг листата на Оперативното тело и расправата на седницата одржана на 26.9.2019 година, Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година утврди Предлог-одлука за распределба на средствата од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година наменети за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации, со која и предложи на Владата доделување на 20 гранта од прворангираните здруженија и фондации во 8 приоритетни области, во вкупна вредност од 11.690.842,00 денари.
Имајќи предвид дека предложеното времетраење на проектите на здруженијата и фондациите е шест и повеќе месеци, Владата на Република Северна Македонија на истата седница донесе Програма за изменување на Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2019 година, со која се предвидува здруженијата и фондациите на кои ќе им бидат доделени средства согласно оваа програма, во рок од 30 дена од завршувањето на своите програмски активности, а најдоцна до 30 јуни 2020 година, да достават извештај за користењето на средствата до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
Евалуација на проекти по Огласот за финансиска поддршка на здруженија и фондации за 2019 година