Одржана Работилница за следење и известување за спроведувањето на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024
Primary tabs
На 17.01.2023 година во соработка со проектот „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија, се одржа Работилница за следење и известување за спроведувањето на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024, за членовите на Мрежата на државни службеници за соработка со граѓанското општество. Цел на работилницата беше запознавање на членовите на Мрежата со новините во процесот на подготовка на годишниот извештај за спроведување на Стратегијата, согласно Упатството за структурата, содржината и начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на секторските и мултисекторските стратегии, како и постигнување согласност за податоците и индикаторите што треба да бидат опфатени во Извештајот.
Воведно обраќање на работилницата имаа Сузана Никодијевиќ-Филиповска од Генералниот секретаријат и Ирена Иванова од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Сузана Никодијевиќ-Филиповска ја истакна важноста на работилницата за подобрување на квалитетот на годишните извештаи за спроведувањето на Стратегијата, кои покрај квантифицирање на спроведените активности, треба да содржат и проценка на постигнатите резултати преку мерење на утврдените индикатори во Акцискиот план. Процесот на следење на спроведувањето на Стратегијата се темели на неколку нивоа. Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат ги собира информациите за статусот на спроведување на активностите заедно со членовите на Мрежата на државни службеници за соработка со граѓанското општество, а Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, кој има улога на координативно тело согласно новата правна рамка за секторски стратегии, разгледува квартални извештаи и дава мислење по годишниот извештај за спроведувањето на Стратегијата, што потоа се доставува за информирање на Владата.
Ирена Иванова укажа дека оваа Стратегија е четврта по ред и веќе сите чинители имаат стекнато доволно искуство, поради што во овој момент е најважно да се има јасна и координирана структура со цел успешно и објективно мониторирање на сработеното. Додаде дека проектната поддршка на овие процеси ќе продолжи, со цел подобро и понезависно функционирање на воспоставениот систем за следење на Стратегијата. Посебен осврт даде на значењето на постоење функционален Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество во процесот на пристапни преговори на државата со Европската Унија и важноста да се надминат предизвиците што доведоа до бојкот на членовите од граѓанските организации.
Венера Хајрулаху, експерт од проектот „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“, истакна дека иако предизвикот е голем, главниот фокус треба да биде изнаоѓање на системски решенија за развој на граѓанското општество и активно учество на граѓанските организации во процесот на креирање на јавните политиките.
Зоран Милков, раководител на Секторот за стратегија, планирање и следење во Генералниот секретаријат, ги презентираше новините во правната рамка за секторските стратегии и обрасците што треба да се применуваат при подготовка на годишниот извештај за спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024, согласно Упатството за структурата, содржината и начинот на подготвување, спроведување, следење, известување и оценување на секторските и мултисекторските стратегии.
На работилницата членовите на Мрежата на државни службеници за соработка со граѓанското општество, поделени во групи, дискутираа за статусот на реализација на активностите во трите приоритетни области на Стратегијата, показателите на влијание и на успешност, како и за ризиците и проблемите кои можат да се јават до крајот на спроведувањето на одделни активности, следните чекори кои се планираат од страна на надлежните институции и рокот за нивна реализација.