Одржани консултативни средби за Нацрт-извештајот за спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 во Гостивар, Скопје и Штип

Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат на Владата заедно со Граѓанскиот ресурсен центар, во периодот 14-16 март во Гостивар, Скопје и Штип, организираа три консултативни средби за Нацрт-извештајот за напредокот во спроведувањето на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата на Владата на Република Северна Македонија за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 и постигнување на стратешките и оперативните цели во 2022 година. На консултативните средби, повеќе од 70 претставници на граѓански организации дискутираа за статусот на спроведувањето на активностите и дадоа предлози за приоритетите во спроведувањето на Стратегијата во следниот период. 

Стратегијата, усвоена од Владата во декември 2021 година, е резултат на препознаената потреба за унапредување на механизмите за соработка со граѓанското општество и градење на континуиран, транспарентен и целосно инклузивен дијалог во процесот на креирање и спроведување на политиките. Мерките во овој стратешки документ се систематизирани во три области: Нормативна, институционална и финансиска рамка за развој на граѓанскиот сектор; Демократизација, активно учество на граѓанскиот сектор во општествените процеси, во креирањето и следењето на политиките, со посебен фокус на процесот на интеграција во Европската Унија и Граѓанскиот сектор како чинител во социјално-економскиот развој. Извештајот за спроведување на Стратегијата во 2022 година е подготвен врз основа на информации и документи добиени од членовите на Мрежата државни службеници за соработка со граѓанскиот сектор од министерствата и другите органи на државната управа кои се одговорни за спроведување на конкретните мерки во Стратегијата и анализа на одговорите на 296 граѓански организации од 16 различни области на дејствување од online анкета спроведена во периодот 10-31.1.2023 година преку Прашалник за мерење на вредноста на индикаторите од Акцискиот план на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество (2022-2024) дистрибуиран до сите граѓански организации со статус „активен“ (вкупно 8.111) според Отворените податоци на Централниот регистар на Република Северна Македонија. Од вкупно 61 активност планирани во Акцискиот план за реализација во 2022 година, 16 активности (26.2%) се реализирани, 17 активности (27.9%) се во тек, а 28 активности (45.9%) доцнат со реализација.

Како клучни резултати во 2022 година во првата приоритетна област може да се издвојат: започна транспарентен и партиципативен процес на подготовка на измени на Законот за здруженија и фондации; предложени се одредби на две глави од законот: Државно финансирање на граѓанските организации и Фонд за поддршка и развој на граѓанското општество од работната група за реформа на системот на државно финансирање на граѓанските организации; значително е проширен обемот на отворени податоци за граѓанските организации на www.crm.com.mk; 50,3% од граѓанските организации го препознаваат Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество како релевантно тело за соработка и влијание во креирање политики за развој на граѓанското општество. 

Клучни резултати од втората приоритетна област се: воспоставен e механизам за подготовка на годишни Извештаи за процесот на консултации при подготовка на предлог-закони, користење на ЕНЕР и други механизми за консултации со граѓанските организации; во Одлуката за воспоставување на структурата за преговори за пристапување на РСМ во ЕУ се предвидува можност за учество на граѓански организации во работните групи за подготовка на преговарачките позиции; воспоставен e сеопфатен едукативен превентивен механизам против говор на омраза (Министерството за образование и наука усвои нов Концепт за граѓанско образование, ревидирани се наставните програми во 8 и 9 одделение и прва година средно стручно образование, а Министерството за внатрешни работи спроведе кампањи и обуки за превенирање на говор на омраза).

Клучни резултати од третата приоритетна област се: во подготовка е правна рамка за социјално претприемништво (Предлог-закон за социјални претпријатија); подготвен e Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за волонтерството, за надминување на предизвиците во имплементацијата и понатамошен развој на волонтерски практики; започнат e транспарентен и инклузивен процес на подготовка на измени на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

Главни ризици за спроведување на Стратегијата кои настанале во 2022 година се: нефункционален Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, поради бојкотот на членовите од страна на граѓанските организации и отсуство на поддршка од страна на Министерството за финансии на планираната реформа на системот на државно финансирање на граѓанските организации.

Презентација на Извештајот за спроведување на Стратегијата во 2022 година 

Macedonian